Во рамки на активностите на мрежата Enterprise Europe Network, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со своите партнерски организации од ЕЕНОМА конзорциумот, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Стопанската комора на Северна Македонија, ја организираа XIII Регионална конференција на Enterprise Europe Network за Југоисточна Европа, во Скопје на 6 и 7 декември 2023 година.
Регионалната конференција на Enterprise Europe Network за Југоисточна Европа се одржува еднаш годишно по ротирачка основа, а учество земаат претставници од партнерските организации на Enterprise Europe Network од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија. Учесниците разменија и искуства и знаење кои ги користат при секојдневното работење и давање на услугите кои ги нуди мрежата Enterprise Europe Network, а имаа можност и да дискутираат за идни заеднички соработки, учество во нови проекти, градење на капцитетите на Enterprise Europe Network во регионот и развој на нови подобри алатки за размена на информации.
На вториот ден од конференцијата се одржа Western Balkan Circularity Demo Day, на кој имаа можност да се претстават претходно селектирани старт-ап компании од Западен Балкан кои ги презентираа своите иновативни решенија и услуги пред интернационални експерти и инвеститори. Овој настан даде поддршка на старт-ап бизниси кои имаат за цел да воведат решенија од областа на циркуларната економија, да го намалат отпадот и емисиите и да развијат иновативни практики, а со тоа и да ги зголемат приходите.
Во Enterprise Europe Network, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е национален координатор и заедно со Стопанската комора на Северна Македонија и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, а во тесна соработка со Европскиот иновациски совет и извршна агенција за мали и средни претпријатија при Европската комисија, овозможува на иновативните компании да го најдат својот пат во меѓународни рамки.