Европската мрежа на бизнис можности (Enterprise Europe Network) во соработка со Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council) го организираа првиот регионален форум Western Balkans Butterfly Innovation & Business Forum, во хрибридна форма, во Скопје, 16-17 декември.
Форумот го отвори проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како домаќин на настанот, а свое излаѓање имаа и Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи; генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу; заменикoт - генерален директор за истражување и иновации при Европската комисија, Сигне Ратсо и директорот на Агенцијата за Европскиот иновациски совет и мали и средни претпријатија, Жан Давид Мало.
На форумот имаа можност да се презентираат едни од најуспешните старт-ап и етаблирани иновативни компании од земјите од Западен Балкан кои ги пренесoa своите искуства во работењето.
Проф. д-р Виктор Стојмановски, како проектен координатор на мрежата Enterprise Europe Network од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, даде осврт на поддршката која компаниите и другите организации ја добиваат од Enterprise Europe Network мрежата и успешното работење и соработка со регионалните партнерски организации на ЕЕН која придонесе и до креирање на новата платформа за пристап до финансии - FINNO – Access to Finance for South East European companies (https://www.finnosee.eu).