Северна Македонија

Title

Одржана ТвинТек Конект 2025 – конференција за иновации, трансфер на технологии и вмрежување

29.05.2025


Полна сала, инспиративни разговори и конкретни идеи за иднината на иновациите.

На 28 мај, во полната Cozy Room сала на Public Room во Скопје, се одржа конференцијата ТвинТек Конект 2025, која ги обедини претставниците од јавниот, образовниот, истражувачкиот и бизнис секторот, со цел размена на искуства и идеи за подобар трансфер на технологии и јакнење на иновацискиот капацитет во земјата.

Image

Преку две панел-дискусии и три паралелни World Café сесии, учесниците имаа можност активно да се вклучат во дебати, да поставуваат прашања и да разменат искуства со релевантни говорници, модератори и практичари од сите клучни сектори.

Image

Како што нагласи и извршната директорка на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, Габриела Костовска Богоеска, со ТвинТек Конект 2025 се стремиме да изградиме одржлива платформа што ќе ги поврзува компаниите, научноистражувачките институции и креаторите на политики. Овие врски се клучни за брз трансфер на технологии, поврзување на иновации и развој на стратешки партнерства кои ќе придонесат за технолошки напредок, кој е клучен двигател на конкурентноста.

 ko 6846
Image

Во таа насока, настанот започна со воведни обраќања кои го потенцираа значењето на иновациската култура и потребата од блиска соработка помеѓу науката и индустријата. Првиот панел се фокусираше на „Вештини за трансфер на технологии“, со учество на Габриела Костовска Богоеска, Никола Додов, Проф. д-р Виктор Стојмановски и Проф. д-р Радмил Поленаковиќ, под модерација на Ана Секуловска. Панелистите отворија значајна дебата за клучните компетенции потребни за ефективен пренос на знаење и технологии од истражувачките центри кон пазарот.

Image
Image

Во рамки на интерактивниот сегмент „World Café“, се одржаа три сесии посветени на:

•          Дигитална трансформација: Патот кон Индустрија 4.0“

•          „Зелени иновации: Циркуларна економија и Upcycling“

•          „Култура на иновации: Алатка за трансформација и раст“

Учесниците беа охрабрени да се приклучат на три тематски маси и да придонесат со свои размислувања и препораки на клучните теми.

На крајот од сесијата, модераторите на трите групи ги презентираа најзначајните согледувања и препораки пред целата публика, за да се истакнат најрелевантните идеи кои можат да прераснат во конкретни иницијативи и идни активности.

Image

Завршната панел-дискусија „Изградба на инклузивен иновациски екосистем“ отвори важни прашања за соработка меѓу академијата, институциите и приватниот сектор. Учесници беа  Вон. проф. д-р Петре Ламески, Марија Јаневска и Александра Манолчева со модерација на Бојана Станоевска Пецуровска. Панелистите ја истакнаа важноста на вклучување на различни засегнати страни – од млади претприемачи, преку жени во технологија, до локални заедници – во дизајнирањето на политики и програми што го поддржуваат иновативниот развој.

Image

Во позитивна и продуктивна атмосфера, со квалитетни дискусии и вредни увиди за публиката, размената на искуства придонесе кон продлабочување на разбирањето за улогата на иновациите и трансферот на технологии во националниот развој.

Конференцијата заврши со резиме на клучните заклучоци и насоки за понатамошни активности. Следеше неформално вмрежување, каде што учесниците имаа можност да продолжат со размена на идеи и воспоставување на нови партнерства.

Image

ТвинТек Конект 2025 уште еднаш ја потврди потребата од иницијативи за поврзување помеѓу науката, индустријата и политиката како предуслов за унапредување на иновацискиот потенцијал и долгорочен економски развој на државата.

Конференцијата е организирана од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување МИР, во соработка со проектот POLICY ANSWERS и Enterprise Europe Network Macedonia.



Copyright © 2024 Сите права се задржани од EEN Северна Македонија

Оваа веб страница користи колачиња (cookies) со цел да се подобри функционалноста.

Политика за користење на колачиња (cookies)

Се согласувам Не се согласувам