Северна Македонија

Title

ЗОШТО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА СО ГОДИНИ НОТИРА ДЕКА НАШАТА ЗЕМЈА Е УМЕРЕНО ПОДГОТВЕНА ВО ОБЛАСТА НА ОБРАЗОВАНИЕТО?

13.01.2023


Измина и 2022 година, неповратно, без да можеме да го измениме она што го донесе, но, сепак, ќе остави голем белег врз нас како држава. Здравствената криза која нѐ дрмаше две години се прелеа во енергетска криза, а прашање е дали енергетската криза ќе се прелее во економска криза. Дополнително, и војната во Украина сериозно влијаеше врз економските движења во државава. Имаме инфлација која се движи по нагорна линија, што не беше случај во последните 20 години. Стапката на инфлација достигна 19,8 % (ДСЗ, ноември 2022 година), додека, пак, економскиот раст на земјава е од скромни 2,4 %, што се должи на растот на услугите. Неминовен беше и растот на цените на производите и на услугите, што е резултат на растот на цените на храната и на енергенсите.

Во вакви услови производствените компании се борат да останат конкурентни и профитабилни во глобалната економија и затоа мораат да бидат иновативни, да внесуваат нови технологии, да ги усовршат производите и услугите, да го автоматизираат производствениот процес, да ги намалат трошоците, и да работат со минимален отпад. Тоа бара професионално и искусно управување, но и доброобразован, компетентен и стручен кадар, кој ќе одговори на новите предизвици. А дали имаме таков кадар?

Податоците покажуваат дека 65 % од компаниите се соочуваат со недостиг на стручен кадар (анализа на СКСМ), а 48 % од компаниите забележуваат дека е мал бројот на кандидати кои поседуваат соодветни квалификации и практично работно искуство, поради што трпат компаниите, па и целата економија.

Овој податок го нотира и Европската комисија во извештајот за напредокот на нашата земја за 2022 година. Години наназад Комисијата укажува дека околу 80 % од невработените се долгорочно невработени поради несовпаѓањето на вештините, но ние како да не ја сфаќаме сериозно. Невработеноста особено се одразува кај лицата со ниско ниво на квалификации, додека, пак, кај младите невработеноста и натаму останува висока и изнесува 30,9 %.

Покрај немањето практично искуство, не смее да се занемари и интензивниот процес на флуктуација и на заминување на кадарот од нашата земја во европските држави. Бројката уште повеќе ќе се зголемува со новите најави на некои европски земји за олеснување на процедурите за прием на странски работници во нивните земји. Во изминатите години е проценето дека од Македонија заминале околу 700 илјади лица  на привремена работа во странство или трајно се отселиле, додека, пак, бројот на работоспособни млади, од 15 до 29 години, забрзано се намалува, а последните четири години падот достигнал во просек по 9.500 лица на годишно ниво.

Исто така, неколку години наназад констатацијата на Европската комисија е дека нашата земја има одреден напредок, но е умерено подготвена во областа на образованието каде се создава кадарот. Тоа значи дека е умерено подготвена да се справи со притисокот на конкуренцијата на европските пазари. За ваквата состојба таргетира само две причини:

1.     Нестабилната државна финансиска поддршка за образованието и недостигот од човечки ресурси за спроведување на реформите. Во 2021 година јавните расходи за образование и за обука изнесуваа 3,2 % од БДП, во споредба со просечните 3,7 % од БДП во изминатите пет години, што е под просекот на ОЕЦД, кој изнесува 5 %. Покрај тоа, трошењето е многу неефикасно, главно на застарени формули за прераспределба на средствата за образование од општините. Ваквата состојба го попречува соодветното спроведување на Стратегијата за образование 2018-2025 година, како и развојот на систем за следење на нејзината примена.

2.     Одолжување на усвојувањето на законите од областа на образованието. Политичката нестабилност го попречува донесувањето на законите од областа на образованието. Неусвоениот Закон за стручно образование и обука ја отежнува системската примена на дуалниот модел на образование и на учењето преку работа, како и на модернизацијата на регионалните центри за стручно образование и обука. Неусвоениот Закон за образование на возрасните ja оневозможува примената на поедноставни процедури за верификација на институцијата и на програмите за обука за преквалификација и за доквалификација, како и на процесот на вреднување на предходното знаење и стекнатите вештини, што е од голема важност за бизнис-заедницата во процесот на обезбедување кадар за своите потреби.

Нашата земја заедно со сите чинители, неминовно ќе мора да изгради и да ги приспособи своите политики, системи и механизми за излез од образовната криза во која се наоѓаме и за да покаже вистински напредок во делот на образованието, затоа што само со доброобразован и стручен кадар може да му се помогне на бизнис-секторот да го зголеми своето производство, но и да биде поконкурентен на европските и на светските пазари.



Copyright © 2024 Сите права се задржани од EEN Северна Македонија

Оваа веб страница користи колачиња (cookies) со цел да се подобри функционалноста.

Политика за користење на колачиња (cookies)

Се согласувам Не се согласувам